Овој пост не е наменет за нашите сегашни или идни колеги, иако можеби ќе можат да додадат нешто свое кон овој пост, туку е насочен главно кон клиентите или нарачателите на преведувачки услуги коишто најчесто не знаат што опфаќа работата на еден хонорарен преведувач и што всушност се подразбира под „процес на преведување“, а како резултат на што се оформува и цената. Токму затоа, сметам дека цената треба да се приспособува според тежината на текстот, односно тоа може да се преведе во 'времето коешто е потребно да се поминат сите долнунаведени фази'. Особено треба да се исктакне фактот што секој превод е специфичен и токму затоа, цените треба да се одредуваат посебно за секоја работа и тешко е да се утврди една стандардна цена.

Многумина мислат дека преведувачот само седнува пред својот компјутер и како и „добриот“ дактилограф седнува и го пречукува истиот текст, само на друг јазик и одвреме навреме, користи речник за непознати зборови кои многу едноставно се наоѓаат во кој било речник на интерет и решението веднаш е јасно. НЕ!
Прво читање.
Преведувачот кога ќе го добие материјалот, прво, летимично поминува низ него, со цел да увиди „на што се нафатил“. Односно, да го оцени јазикот којшто е користен (формален, неформален, информативен, разговорен, технички итн.). Иако, тој дел можеби го завршил претходно, кога клиентот го испратил преводот со цел да ја договори работата и да праша дали преведувачот смета дека со оглед на рокот и своите вештини и искуство може да ја заврши навреме и како што треба.
Прво преведување.
Е, веќе потоа, започнува со преведување на реченици (без алатка за преведување) или сегменти (доколку работи со алатка за преведување) од текстот. Откога ќе го заврши, зошто, тој не е конечен и подготвен за испраќање до нарачателот? Причината е тоа што, генерално не е возможно, освен ако се работи за нешто премногу едноставно, да се добие превод во кој не се чувствува влијанието на оригиналот. Но, нашата цел секогаш е да произведеме текст што ќе звучи како оригинал. Односно, со зборовите на наш драг професор (ќе го изоставам името, иако многумина верувам ќе се сетат за кого станува збор) „оригиналот ве влече“, ве тера да ја пресликате истата форма, истиот збороред, истата фраза. При прво преведување не секогаш може (иако се разбира смислата на оригиналот), да се најде соодветниот збор, фраза, која е својствена и природна за целниот јазик. Понатаму, преведувачот може и да се соочи со доста сложени концепти и термини за коишто ќе треба да издвои дополнително време и да навлезе во следната фаза од процесот.
Истражување и составување на поимник.
Колку одреден текст е постручен, односно колку повисоко ниво на специјализираност е потребна од преведувачот, толку и цената може да се движи во нагорна насока, а истовремено таквите текстови одземаат обично и подолго време за работа.
Кога преведувачот ќе се фати во костец со дотогаш непознат поим, независно од областа, мора да истражува, затоа што, само изнаоѓањето на преводен еквивалент ретко е доволно. Треба и да се разбере како тој збор функционира во состав со други зборови и кога се употребува. Ако означува некаков процес, тогаш мора да го разбере, ако се работи за нешто технички (визуелно) мора да види како тоа изгледа за да знае точно со кои зборови да го опише итн. Тоа подразбира читање на слични текстови од областа, користење енциклопедии, терминолошки речници, друга стручна литература, отворање слики и графикони кои се достапни на интернет и кои може да помогнат. Притоа, истовремено се извојуваат термините и се внесуваат во својот поимник или во поимникот на нарачателот по негово барање за олеснување на секоја идна работа во конкретната област.
Проверка и уредување.
Во оваа фаза од процесот, се врши споредба на оригиналот и преведот. Да се провери да не случајно нешто било испуштено, значи реченица по реченица, се споредуваат двата текста за доследност во поглед на смислата (значењето) и стилот. Исто така, текстот треба и технички да се уреди за да изгледа како оргиналот, тука се мисли на форматирањето, уредување на табели, слики, графикони, итн. во зависност повторно од барањето на клиентот. Некои клиенти нема да очекуваат од преведувачите да го прават тоа (се разбира посебно ако се работи со алатка за преведување), но понекогаш и тоа се смета како составен дел од работата на преведувачот.
Лектура.
Крајната фаза е лектура. Иако овој процес главно треба да го вршат други лица - лектори, секој клиент не е во состојба да плати за таква дополнителна услуга. Затоа, многу често и преведувачите ја преземаат таа улога да го проверат текстот за какви било правописни или јазични пропусти, притоа користејќи се со достапен референтен материјал, како правописен речник, правопис и граматика. Па дури и во случај кога знае дека текстот ќе помине на лекторско читање, сепак преведувачот треба во рамките на своите јазични способности, со критичност да го прочита текстот, секогаш имајќи предвид - кој е читателот и која е намената на текстот.